Решение за одобрување на адаптација на станбена куќа

Одговорот на барањево е одложено. Според закон, Општина Прилеп требало да одговори веднаш и од (детали)


БАРАЊЕ

ЗА ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР

До: Општина Прилеп

Јован Бојовски

Од Јован Бојовски со адреса на живеалиште во с.Путурус, со контакт електронска пошта: [email address]

Почитувани,

Согласно член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (во понатамошниот текст: ЗСПИЈК), Ви се обраќам со барање да ми овозможите пристап до следниве информации и документи кои се однесуваат на издаденото Решение за одобрување на адаптација на станбена куќа на КП бр. 11985/13 во КО Прилеп, со број 10-27/1 од 05.01.2024 година, врска број 10-2472 од 12.2023 година:

1. Името и презимето на надзорниот инженер кој вршел надзор над изведбата на работите за адаптација на наведениот објект.

2. Бројот на лиценцата за надзор на именуваниот надзорен инженер.

3. Копија од Завршниот извештај од извршен надзор за предметниот објект, доколку истиот е поднесен до архивата на Општина Прилеп.

4. Копија од Известувањето за почеток на градба за предметните градежни работи, во кое, согласно законските прописи, треба да биде наведен и именуван надзорниот инженер.

Образложение

1. Правен основ и карактер на бараните информации
Општина Прилеп, како орган на локалната самоуправа, претставува „имател на информации“ во смисла на член 1, став (1) и член 3 од ЗСПИЈК. Бараните информации и документи се создадени во рамките на вршењето на Вашите надлежности при спроведување на управна постапка за издавање на одобрение за адаптација и следење на градежните активности, поради што неспорно претставуваат „информации од јавен карактер“.

Постапката за добивање на овие информации е уредена со ЗСПИЈК, кој како lex specialis има предност во примена во однос на Законот за општата управна постапка за прашањата кои ги уредува, како што е наведено во член 14, став (2) од ЗСПИЈК.

2. Постоење на преовладувачки јавен интерес
Според Агенцијата за катастар на недвижности, уписот на промените на предметната недвижност е извршен врз основа на документи издадени од Општина Прилеп, вклучително и горенаведеното Решение за адаптација. Меѓутоа, фактичката состојба на објектот (недовршена градба во фаза на карабина, без основни елементи за функционалност) сериозно отстапува од она што би требало да биде резултат на законски спроведена адаптација под стручен надзор.

Јавниот интерес за добивање на идентитетот на надзорниот инженер и неговиот извештај произлегува директно од дефиницијата за „јавен интерес“ во член 3 од ЗСПИЈК, поконкретно од точката 1, бидејќи со остварување на пристапот до овие информации:

• Ќе се овозможи откривање на потенцијална злоупотреба на службена положба и несовесно работење. Надзорниот инженер е клучно лице одговорно за контрола на квалитетот и усогласеноста на градбата со проектот и прописите. Доколку тој дозволил или потврдил состојба која не одговара на реалноста и законските норми, тоа претставува основ за утврдување на неговата професионална и правна одговорност. Прикривањето на неговиот идентитет би значело спречување на механизмите за контрола и одговорност.

Дополнително, дури и доколку имателот на информациите смета дека се работи за некој од исклучоците предвидени во член 6, став (1) од ЗСПИЈК, Ве упатувам на обврската од член 6 став (3) да спроведете тест на штетност. Јавниот интерес да се открие противзаконско постапување, да се заштитат правата на граѓаните и да се обезбеди одговорност во градежниот сектор е далеку поголем од евентуалниот штетен интерес од заштита на идентитетот на лице кое врши јавно овластување (надзор).

Со почит